Сакате ли да се вклучите во пилот мерката која се стреми кон намалување на неформалното вработување и непријавената работа?
Во соработка со ХОТАМ, проектот Платформа за вработување и социјални работи (ESAP) – финансиран од Европската Унија и имплементиран од страна на Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја пилотира мерката „Да ја направиме пријавената работа привлечна за работодавачите и вработените“ (MDWA).
Оваа мерка има за цел да генерира докази како поедноставувањето на процедурите за вработување и помалиот придонес за социјално осигурување за краткорочните работници ќе влијае врз намалувањето на неформалното вработување и работата на црно.
Предмет на заснованите работни односи по овоа Пилот мерка ќе бидат краткорочните вработувања на ден, два или неколку денови (последувателни или не; но не повеќе од 9 денови месечно за еден работник кај ист работодавач). Ќе бидат опфатени вработувањата во периодот од 01. Мај 2022 до 31. август 2022 година во Охридско-Струшкиот регион.
Во овој проект можат да се вклучат следните категории на работодавачи:
- Тековни или нови членки на ХОТАМ – Хотели, ресторани, кафетерии, автокампови и други угостителски објекти во подрачјето на Охридскиот и Струшкиот регион кои:
- во одредени пикови на работата имаат потреба од ангажирање на дополнителен персонал на краток рок, како на пример за подготовка и послужување на свадби и други семејни прослави, семинари и конференции,
- обрт на гости и потреба од чистење на поголем број соби, белбој за носење на багаж при прием или одјава на големи групи и слично.
- Бизнисите кои не се членки на ХОТАМ може да го контактираат тимот на ХОТАМ за информации во врска со постапка за зачленување (contact@gmail.com).
Придобивки за деловните субјекти кои ќе се вклучат во овоа Пилот мерка:
- Платените придонеси од плата и персонален данок за вработените преку Пилот мерката ќе бидат вратени на сметката на работодавачот.
- Помош од страна на тимот на Пилот мерката при барањето на работници од базата која ќе се креира преку веб страната.
- Помош од страна на тимот на Пилот мерката за поднесување на пријавите и одјавите за вработените на краток рок до Агенцијата за вработување.
- Можност за остварување на контакти со невработените, студентите и учениците кои би можеле да станат потенцијални кандидати за редовно вреботување во блиска или подалечна иднина.
- Податоците кои ќе се генерираат на крајот на оваа пилот мерка ќе бидат искористени за барање на промени во законската регулатива и поедноставување на процесот за стапување во работен однос со што секое вработување во иднина ќе биде пријавено, преку брза и едноставна постапка, со платени придонеси и со регистриран работен стаж.
Постапка за вклучување и за текот на активностите на заинтересираните бизниси:
- Најпрво секој заинтересиран бизнис треба да се регистрира на веб страната на ХОТАМ https://hotam.mk/stanete-del-od-hotam/?lang=mk . (Оваа сезона веб страната ќе се користи конкретно за краткорочни вработувања преку Пилот мерката, а понатака ќе се развива како пазар на трудот за хотелско-угостителскиот сектор.)
- Канцеларијата на Пилот мерката ќе креира база на баратели на работа по работни места, и истите ќе имаат можност да посетат обука за вештини во кујна, ресторан или собарки.
Како баратели ќе можат да бидат вклучени: невработени лица (едно лице кај еден работодавач може да биде ангажирано најмногу 9 работни дена во еден календарски месец), веќе вработени лица кај друг работодавач (со согласност од работодавачот, може да бидат ангажирани најмногу 5 работни дена или 40 часови месечно), студенти и средношколци со полни 15 години – сите задолжително да бидат пријавени во Агенцијата за пријавување
- Од 01.05.2022 отпочнува главната активност на Пилот мерката, односно ангажирањето по потреба.
- Работодавачите кои ќе имаат потреба од ангажирање на работници на дневна или краткорочна база, ќе ги контактираат работниците кои им се познати или ќе ја контактираат канцеларијата на Пилот мерката од каде ќе добијат листа со баратели на работа кои се пријавиле за отворените работни позиции, со соодветни вештини, или соодветна обука.
- Работодавачите ќе ги контактираат директно барателите на работа и доколку се согласат за условите ќе потпишат Договор за склучување на работен однос на определено време – итно неодложно вработување (ден, два, пет…). Договорот ќе биде во форма која ќе ја обезбеди Пилот мерката. Може да се случи еден работодавач да ангажира ист работник во неколку наврати во еден месец, непоследователни. Во овој случај ќе се потпишува нов договор при секој нов ангажман.
- Работодавачот може да го пријави работникот самостојно во канцелариите на АВРМ или електронски, или тоа може да го направи со помош на тимот на Пилот мерката.
- Доколку пријавата и одјавата ја врши самостојно, задолжително мора да достави М1-М2 образец до тимот на Пилот мерката.
- Доколку одлучи дека сака да ги искористи услугите на Пилот мерката, ќе треба да го информира тимот на Пилот мерката дека ќе ангажира одредено лице/лица најдоцна до 12:00 часот еден ден пред денот за кој се ангажира работникот/ците. Договорот заедно со пополнето Овластување за овластено лице со список на лица кои ги пријавува во работен однос, како и Решение за престанок на работен однос и Овластување на овластено лице со список на лица кои ги одјавува од работен однос ќе ги достави до тимот на Пилот мерката чиј претставник ќе направи пријава и одјава во име на работодавачот, а после одјавата ќе му ги достави соодветните документи.
- Пресметката и исплатата на плата ќе се врши од страна на работодавачот преку МПИН после истекот на календарскиот месец за сите одработени денови во месецот. Мора да се запазат дневниците: Со Пилот мерката е предвидено дневницата (за 8 работни часа) да изнесува 1500 денари за келнери, помошници келнери, шанкери, помошници готвачи, собарки, белбој; а 3000 денари за готвачи-шефови со искуство.
- После исплатената плата работодавачот ќе достави до тимот на Пилот мерката пресметки за плата за сите работници ангажирани преку Пилот мерката, а тимот ќе изврши враќање на платените средства за придонеси и персонален данок.