Сакате ли да се вклучите во пилот мерката која се стреми кон намалување на неформалното вработување и непријавената работа?

Во соработка со ХОТАМ, проектот Платформа за вработување и социјални работи (ESAP)  – финансиран од Европската Унија и имплементиран од страна на Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја пилотира мерката „Да ја направиме пријавената работа привлечна за работодавачите и вработените“ (MDWA).

Оваа мерка има за цел да генерира докази како поедноставувањето на процедурите за вработување и помалиот придонес за социјално осигурување за краткорочните работници ќе влијае врз намалувањето на неформалното вработување и работата на црно.

Предмет на заснованите работни односи по оваа пилот мерка ќе бидат краткорочните вработувања на ден, два или неколку денови (последувателни или не; но не повеќе од 9 денови месечно за еден работник кај ист работодавач). Ќе бидат опфатени вработувањата во периодот од 01. Мај 2022 до 31. август 2022 година во Охридско-Струшкиот регион.

Во оваа Пилот мерка можат да се вклучат следните категории на баратели на работа:

  • Невработени лица (можат да бидат ангажирани неограничен број на денови во месецот, но не повеќе од 9 денови кај еден ист работадавач)
  • Лица кои се веќе во редовен работен однос на полно или скратенео работно време (лицата кои се вработени на полно работно време можат да бидат ангажирани најмногу 40 часа, или 5 дена месечно и мораат да обезбедат согласност од работодавачот кај кој се во редовен работен однос)
  • Студенти.

Неопходно за сите баратели на работа кои сакаат да се вклучат во Пилот мерката е:

  • Да имаат полни 15 години или повеќе;
  • Да се регистрираат на веб страната на ХОТАМ https://hotam.mk/barateli-na-rabota/?lang=mk;
  • Со исклучок на веќе вработените лица, сите останати мораат да бидат пријавени во Агенцијата за вработување (сите што не се пријавени истото можат да го направат едноставно со лична посета на Агенцијата за вработување со валиден документ за идентификација – лична карта или пасош);
  • Да имаат извршено санитарен преглед и да поседуваат санитарна книшка;
  • Да имаат важечко лекарско уверение од лекар по медицина на трудот.

Придобивки за ангажираните работници преку овоаа Пилот мерка:

  • Платено пензиско осигурување со што одработените денови ќе се вбројат во крајниот работен стаж.
  • Слободното време може да го искористат за дополнителна заработка. Со Пилот мерката е предвидено дневницата (за 8 работни часа) да изнесува 1500 денари за келнери, помошници келнери, шанкери, помошници готвачи, собарки, белбој; а 3000 денари за готвачи-шефови со искуство.
  • Работа без тензија и страв од казни за работа на црно.
  • Можност за невработените, студентите и учениците да остварат контакти за редовно вреботување во блиска или подалечна иднина.
  • Податоците кои ќе се генерираат на крајот на оваа пилот мерка ќе бидат искористени за барање на промени во законската регулатива и поедноставување на процесот за стапување во работен однос со што секое вработување во иднина ќе биде пријавено, преку брза и едноставна постапка, со платени придонеси и со регистриран работен стаж.

Постапка за вклучување и за текот на активностите на заинтересираните баратели на краткорочна работа:

  • Најпрво секој заинтересиран треба да се регистрира на веб страната на ХОТАМ https://hotam.mk/barateli-na-rabota/?lang=mk . (Оваа сезона веб страната ќе се користи конкретно за краткорочни вработувања преку пилот мерката, а понатака ќе се развива како пазар на трудот за хотелско-угостителскиот сектор.)
  • При регистрацијата треба да се искаже интерес за обука која ќе се организира од страна на ХОТАМ. Обуките ќе се организираат за 3 области: 1. Вештини за работа во кујна, 2. Вештини за работа во ресторан и 3. Вештини за собари/ки. Овие обуки ќе се организираат во периодот март – мај 2022 година, ќе се одвиваат во реални услови во хотелски објект, а предавачи ќе бидат професионалци од соодветната област од регионот.
  • Неколку дена после приемот на регистрацијата, пријавените лица ќе ги контактира лице од тимот на Пилот мерката со што ќе се потврдат преференциите на кандидатот и ќе се дефинираат понатамошните можности.
  • Откако ќе се креира стартната база на кандидати, во почеток на март пријавените ќе бидат контактирани со покани за обука.
  • Од 01.05.2022 отпочнува главната активност на Пилот мерката, односно ангажирањето по потреба.
  • Работодавачите кои ќе се пријават како претставници на бизнис секторот во овој проект заинтересирани за ангажирање на работници на дневна или краткорочна база, ќе ги контактираат работниците кои им се познати или ќе ја контактираат канцеларијата на Пилот мерката од каде ќе добијат листа со баратели на работа кои се пријавиле за отворените работни позиции, со соодветни вештини, или соодветна обука.
  • Работодавачите ќе ги контактираат директно барателите на работа и доколку се согласат за условите ќе потпишат Договор за склучување на работен однос на определено време (ден, два, пет…). Може да се случи еден работодавач да ангажира ист работник во неколку наврати во еден месец, непоследователни. Во овој случај ќе се потпишува нов договор при секој нов ангажан.
  • Исплата на плата ќе се врши од страна на работодавачот после истекот на календарскиот месец за сите одработени денови во месецот. Работодавачот ќе исплати нето плата (дневница) на работникот, а кон Државата ќе ги измири соодветните придонеси и персоналниот данок.
  • Работниците мораат да одговараат на работните обврски кои ќе ги договорат со работодавачот трудољубиво, одговорно, чесно, тимски со сите редовни и други времени вработени.